“Побрзо, подобро, поефтино!” – може да биде универзалниот слоган на сите дисконтери, бидејќи најдобро ги отсликува нивните активности и вредности – максимална оптимизација на трошоците со цел постигнување на најдобрата можна цена.
Трите најголеми македонски ланци на маркети спаѓаат во групата на хард дисконтите. Тоа се маркети кои што имаат лимитиран асортиман на артикли во кој најголемото учество го завземаат нивните приватни марки, како и директно увезените производи. Сепак, нивната најголема и најпрепознатлива одлика се ниските цени, споредбено со другите канали на малопродажба.
На македонскиот малопродажен пазар, трите најголеми трговци се ланците на хард-дисконтите: Кам, Стокомак и Киппер.

Со приходи поголеми од 230 милиони € во 2022 год., Кам е убедлив лидер во малопродажбата во Македонија. По него, следува Киппер со нешто помалку од 140 милиони €, а на третата позиција е Стокомак со приходи од околу 120 милиони €. Со оглед на фактот дека македонскиот малопродажен пазар се проценува на околу 2 милијарди евра, водечката тројка има пазарно учество од околу 25%.
Mоже да се забележи дека до 2020 година, Кам е апсолутен лидер на пазарот и заедничките приходи на вториот и третиот конкурент се помали од неговиот приход. Во 2021 и 2022 разликата почнува по малку да се “топи”, но, Кам и понатаму продолжува да ја зацврстува својата водечка позиција. Исто така, се забележува и промена на втората позиција: Киппер избива пред Стокомак.
Кога ќе се удри црта…
Малата маржа, интерната логистика, агресивното ширење на мрежата, како и развивањето и увозот на свои производи – си има своја цена. Иако хард-дисконтите имаат големи приходи, вообичаено е да бележат помали профити.

Во “трката” на хард-дисконтите, Кам е лидер и на профитната страна, со нешто помалку од 5 милиони € во 2022 година (2,1%). Стокомак со околу 3,5 милиони € (2,9%) е на втората позиција пред Киппер со профит од 3,3 милиони € (2,4%).
Најпрофитабилен малопродажен ланец во Македонија е супер-маркетот Веро. Најголем профит остварува во 2020 год., кога инкасира речиси 10,5 милиони €, а во 2022 год., со нешто повеќе од 9 милиони € и понатаму е недостижен конкурент во овој поглед. Со профитна маргина поголема од 10%, би можеле да му “позавидат” и многу профитабилни производни компании. Мора да се напомене дека Веро е супер-маркет и неговиот концепт на работа е многу поразличен од оној на хард-дисконтите.
Трката добива германски шмек
Геманската машинерија Лидл, го најави својот влез на нашиот пазар и веќе има забрзани и конкретни активности: започна со купување на земјиште во неколку градови низ Македонија, а обезбеди и големо земјиште во Кумановско, на кое ќе го гради логистичкиот центар.

Лидл на Балканот, најпрво започна со работа во Грција во 1999 година. Потоа, следуваа Хрватска и Словенија, па Бугарија и Романија. Во Србија стартуваше во 2018 год., кога ги отвори своите први дисконти.
Германскиот дисконтер во 6-те балкански држави има приход од околу 8,2 милијарди €, од кои најголем дел остварува на пазарите во Романија и Грција. Оперира со вкупно 928 продавници, а вработува повеќе од 26.000 луѓе.
Споредбено, Кам во Македонија има 80 маркети и вработува 1.144 луѓе. Присутен е и во Бугарија со 24 маркети (13 милиони € приход во 2021), како и во Косово со 29 маркети. Киппер има 113 маркети во Македонија и уште неколку на Косово, а вработува околу 820 луѓе. Овие два ланци на македонски маркети се единствените кои што имаат присуство надвор од домашните граници. Стокомак е присутен само во Македонија со 65 објекти и вработува повеќе од 650 луѓе.
Дали с(м)е спремни за Лидл?
Слободна проценка е дека македонските потрошувачи гаат големи симпатии кон Лидл, па со тоа и неговиот успех на нашиот пазар е само прашање на време. Колкав дел од вкупниот малопродажен колач ќе завршат на германско конто, останува да видиме.
Но, повеќе од јасно е дека Лидл нема само да “дојде – види – и освои”. Сериозно треба да се земе предвид и фактот дека Кам, Киппер и Стокомак се во одлична пазарна позиција и форма која што ја зајакнуваат секој ден и сигурно нема да останат само “неми набљудувачи”.
Трката на хард-дисконтерите ќе се издигне на едно повисоко ниво кое ќе бара многу поголема “кондиција”; ќе добие побрзо и поризично темпо, а со тоа ќе биде и доста интересно да се следат потезите и реакциите на сите учесници.