Економија и бизнис

Најголемите трговци во светот

Кога Sam Walton ја отворил својата прва продавница во 1945, можеби и немал амбиции Walmart да стане најголемиот трговец во светот. По речиси 80 години, Walmart е токму тоа – најголемиот светски трговец со приходи поголеми од 600 милијарди $ (FY2023), далеку пред другите.

Второпласираниот Amazon, бележи приходи од малопродажба од речиси 240 милијарди $. Империјата на Џеф Безос, кој што е втор најбогат во светот, има вкупни годишни приходи поголеми од 500 милијарди $.

Во рангирањето на ТОП 10 трговци во светски рамки, доминираат американските компании, каде што завземаат 6 од 10 позиции. Германските Schwarz Group (каде што спаѓаат Lidl и Kaufland), и дисконтерот Aldi, се на 4-та и 9-та позиција, респективно. На 7-то место е кинескиот e-commerce гигант JD.

Чисто за споредба, збирот на 10 годишното БДП на Македонија во периодот од 2011 до 2021 изнесува 126 милијарди $; износ кој што 7-от или 8-от светски трговец го генерираат на годишно ниво.

Кои се најголемите во регионот

Најголем трговец во регионот е Schwarz Group, која преку своите Lidl и Kaufland има апсолутна доминација на пазарите во Романија и Бугарија, а е во првите 3 места на речиси сите останати пазари каде што е присутна.

Потоа, по големината на приходите се издвојуваат и грчкиот Sklavenitis, хрватскиот Konzum, како и словенскиот Merkator. Последен “милијардер” на листата е белгискиот Delhaize (сега веќе Ahold Delhaize, здружени во холандско-белгиски конзорциум), кој што има лидерска позиција во српската малопродажба, а присутен е и на други пазари во регионот.

Mакедонските “шампиони”

Како што пишувавме и претходно, на македонскиот пазар доминираат трите македонски хард-дисконти: Кам, Киппер и Стокомак.

Следуваат класичните супермаркети: македонскиот Тинекс и грчкиот Веро кои што имаат стабилни приходи во последните 10-на години, а по нив се турскиот Рамстор и “велешки” Жито, чии приходи имаат осцилации низ годините.

Преземањето на “штипски” Кит-ГО од страна на косовскиот Вива Фреш, ги преполови приходите, иако до лани беше пред Рамстор и Жито.

На последните места на македонските трговски “милијардери” се наоѓаат локалните ланци: Елида во кумановскиот и скопскиот регион; Рептил во Скопје и Виница, како и Миса во Струга и Футура во Прилеп.